Промовирани 14 аудиолектири за деца со оштетен вид

Од:

Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денеска промовираше 14 аудиолектири за прво и второ одделение наменети за деца со оштетен вид.

УМС го иницирала проектот за да им овозможи на слепите деца во Македонија достапност на училишните наслови. Проектот е прв од низата коишто ќе следуваат, а е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка со Сојузот на слепи лица во Република Македонија од 3 декември 2011.

Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Диме Спасов ја нагласи важноста на образованието и ги повика и другите младински здруженија да се придружат во тој општествено корисен проект.

– Ова е нов проект на УМС со кој се надевам дека на сите слепи дечиња ќе им ги направиме подостапни лектирите и книгите и дека ќе внесеме свежина во нивното секојдневие и ќе им помогнеме во нивната едукација. Аудиолектирите не се нешто ново и слични проекти има во земјите на Балканот и во Европа. Слепите во Македонија досега однадвор земаа книги и ги слушаа на српски или на хрватски јазик и затоа се одлучивме за овој проект со кој тие полесно ќе се снаоѓаат зашто сите не го познаваат Брајовото писмо и не можат да ги прочитаат книгите. Ова е одлична можност за нив, а УМС и во иднина ќе продолжи континуирано да го реализира проектот, рече Спасов.

Меѓу аудиолектирите се: „Снежана“, „Зоки Поки“, „Рибарот и рипката“, „Приказни по телефон“, „Македонски народни приказни“, „Грдото пајче“, „Д-р Оф Боли“… Секоја лектира е снимена на посебно ЦД во 50 примероци и е опфатена целата содржина на книгите како и во нивните печатени изданија. Гласовите се на пејачи од естрадата и на некои членови на УМС. Стефан Филиповски од дуото „Некст тајм“ рече дека е среќен што помага на децата со оштетен вид. – Ми беше тешко да читам зашто одамна немам прочитано лектира, рече Филиповски кој е дел од тимот којшто ги снимал лектирите, а покрај него од естрадата учествуваат и Панчо од ДНК, Викторија Лоба…

За иницијативата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари Жарко Селковски, претседател на Сојузот на слепи лица во РМ кој истакна дека покрај овој проект којшто пред се е наменет за децата со оштетен вид од училиштето „Димитар Влахов“ имало и други проекти за кои добиле помош од Унијата. Минатата година, како што рече, за меѓународен семинар добиле помош за превоз и обезбедени преведувачи на англиски јазик.

Би можело да ве интересира

Донесовме одлука за етапно покачување на платите на наставниците во период од четири години, вели Јаневска

За следната учебна година ќе има учебници за секое дете, вели министерката Јаневска

Деканите на Сити Колеџ: Ние ги градиме идните лидери!

A1on

Трамп потпиша извршна наредба за распуштање на Министерството за образование

Јаневска објави: Нов закон за средно образование ќе има наскоро

Хајделберг факултетот се доближува до идните академски граѓани: Започна караван низ средните училишта во Македонија

A1on