На градскиот плоштад во Неготино синоќа почна 11. издание на турнирот во училна кошарка „Street Ball 2018“ на кој учествуваат екипи од неколку градови во регионот.
Се игра во три конкуренции и тоа машка сениорска и јуниорска и женска конкуренција.
– На првиот ден од турнирот во мошне силна конкуреција беа одиграни неколку одлични натпревари од првото и второто коло на турнирот. Денес ќе бидат одиграни натпреварите од третото, последно коло од групната фаза и првата четвртфинална елиминациска фаза од турнирот. Утре ќе бидат одиграни натпреварите од завршницата, односно двата полуфинални натпревари, натпреварот за третото место и големото финале на овогодинешното издание од турнирот. На последниот ден од турнирот ќе биде организиран и натпреварот во тројки кој е особено атрактивен за гледачите, изјави денеска Методи Митрев, портпарол во општина Неготино.
Вкупниот награден фонд на турнирот изнесува 35.000 денари, а за најдобрата екипа во сениорска конкуренција предвидена е награда од 20.000 денари. Наградите ќе ги врачи градоначалникот на Неготино, Тони Делков, кој е покровител на манифестацијата.