Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека САД и Мексико постигнале многу добар трговски договор по долгите преговори за ревизија на Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), и изрази надеж дека Канада наскоро ќе влезе во преговори за нов трговски договор. Канада, која е членка на НАФТА, не учествуваше во оваа фаза на преговорите, затоа што избра да ги чека САД и Мексико да ги решат нивните несогласувања.
„Ова е голем ден за трговијата. Ова е еден навистина многу добар договор за нашите две земји“, изјави американскиот претседател и додаде дека сака новиот документ да не се нарекува Северноамерикански трговски договор како досегашниот.
Мексиканскиот претседател, Енрике Пења Нито, го повика канадскиот премиер, Џастин Трудо, да склучи трилатерален договор со САД и Мексико уште оваа недела.
„Само што разговарав со канадскиот премиер Џастин Трудо во врска со разговорите за НАФТА и за напредокот постигнат меѓу Мексико и САД. Му кажав колку е важно да се врати во процесот, за да склучиме трилатерален договор уште оваа недела“, напиша на „Твитер“ мексиканскиот претседател.
Американскиот постојан трговски претставник, Роберт Лајтхајзер, изјави дека договорот, најверојатно, ќе биде потпишан во ноември, додека документот в петок ќе биде испратен во Конгресот.