Општина Аеродром реагира на вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во последниот прес за Општина Аеродром се крајно тенденциозни и преполни со небулози и неточни податоци. Реализацијата на Буџетот на Општина Аеродром е во најдобар ред, приходната страна се реализира со динамиката која е проектирана. Во делот на расходната страна, во тек се многу проекти кои ќе бидат завршени до крајот на годинава. Се работи на нова детска градинка во Ново Лисиче, ново проектирана улица и ново паркиралиште во населбата Стар Аеродром. Во завршна фаза е целосно ново осветлување во населбата Лисиче, како и кружниот тек на улиците „Коста Новаковиќ“ и „Ангел Димовски“.
Што се однесува до заштитата на животната средина, ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека тоа е еден од приоритетите на Општина Аеродром. За оваа намена во Буџетот на Општината се обезбедени 300.000 евра само за 2018 година, што е за 20 пати повеќе од сите претходни буџети на годишно ниво. Во смисла на реализацијата на расходната страна, постапката за набавка на 1.700 садници е во завршна фаза. За оваа намена се издвоени 7.000.000 денари. Оваа набавка ќе биде реализирана во следните месеци. Исто така, во изминатиот период беа набавени прочистувачи на воздухот за детските градинки, поточно за секоја занимална во детските градинки што е вкупно 82 прочистувачи, за кои беа издвоени 1.200.000 денари. Со ребалансот се предвидува и субвенционирање при набавка на печки на пелети за граѓаните.
Ако сето ова претставува нула инвестиција во заштита на животната средина, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, ги прашуваме колку тие вложија во претходните 12 години владеење на локално ниво, оставајќи зад себе 62 диви депонии и една од најзагадените општини во Градот Скопје. Криминалната ВМРО-ДПМНЕ се загуби со ширење невистини и лажни вести. Истите „вечни“ советници на ДПМНЕ во општинскиот Совет, кои во изминативе години ништо не презедоа за заштита на животната средина, заедно со нивното раководство немаат легитимитет да зборуваат за животна средина.
Заврши времето на лагите и демагогии на ВМРО-ДПМНЕ“ се вели во реакцијата на општина Аеродром.