Со програма за најмладите, односно со настапот на гласовите на Златните славејчиња, вечер од 19:30 часот, на платото на ТЦ Лептокарија, почнува 11-тото по ред „Карпошово културно лето“.
Карпошани, а и сите намерници и љубители на добрата музика и забава вечер ќе имаат можност да ги слушнат Дарио Панковски, групата Нон Стоп и Кристина Арнаудова, информираат од општина Карпош.
Настанот ќе го води актерот Сашко Коцев, а присутните ќе ги забавува и DJ Тина.
Годинашново издание на оваа традиционална културна манифестација ќе го отвори градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој ќе ги повика карпошани на забава и музичко дружење со реномирани македонски уметниции во наредните викенд денови, односно до недела 26 август.