Нови измени на т.н. закон за стечајци разгледуваше денеска собраниската Комисија за труд и социјална политика, кои треба да овозможат правото на надомест да го остварат уште околу 1.600 стечајни работници.
Како што појасни Државниот секретар во МТСП, Јована Тренчевска, измените и дополнувањата на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата се прават за да се овозможи правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност, бил на определено или неопределено време и дали престанал е по волја и вина на работникот.
Основниот закон, како што потсети таа, беше донесен во септември минатата година. Едни измени, посочи, беа направени во март годинава, но и после измените во текот на спроведувањето беше конатстирано дека голем број стечајни работници ги исполнуваат сите услови, освен условот кој со сегашните измени се укинува.
Затоа, рече таа, се одлучивме овој услов од законот да се отстрани и ова право да можат да го стекнат поголем број работници.
Според податоците на МТСП, заклучно со 21 август до Агенцијата за вработување на РМ биле доставени 20.474 барања од граѓани, а правото го оствариле 6.498. Со дополнителните измени надомест ќе можат да добијат уште 1.600, така што ќе биде решено прашањето на околу 8.000 стечајни работници.
Членовите на Комисијата прашаа на што се должи разликата во бројот на пријавени и бројот на лица што го оствариле ова право, а претставниците од МТСП посочија дека голем дел од нив не го исполнувале основниот услов најмалку 15 години да биле во работен однос во државно претпријатие кое отишло во стечај, но оти имало и многу неосновани барања.