Извештај на Европската унија, кој беше претставен денеска покажува нови загрижувачки тенденции во шверцот и употребата на дроги, соопшти Европската комисија.
– Европа навлегува во фаза на зголемена понуда и побарувачка на наркотични супстанци, се наведува во извештајот „Пазарите на дроги во ЕУ“, изготвен од Европскиот центар за набљудување на наркотиците и наркоманите, во соработка со Европол.
Во извештајот се наведува дека претходно европскиот пазар на дроги бил насочен кон одредени видови наркотици, пренесувани преку одредени маршрути, а современиот пазар е мошне флексибилен, користи нови патишта, а пратките, кои содржат и по неколку видови дрога се се побројни.
Еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малмстром при презентирањето на извештајот прецизираше дека е забележана се поголема координираност на современиот европски пазар на дроги.
Таа додаде дека е се поверојатно организираните криминални групи да се занимаваат со шверц на повеќе супстанци наеднаш и да ги обединат своите напори. Мерките на националните нивоа, според неа, се недоволни без разлика колку тие се сериозни.
Директорот на Европол Роб Вејнрајт појасни дека меѓународниот транспорт на дроги останува главната дејност на повеќето организирани криминални групи.
– Забележуваме се почесто користење на законски трговски транспортни варијантни, како на пример контејнери, авиони, поштенски услуги. Интернетот исто така е важен фактор во продажбата на дроги, додаде Вејнрајт.
Во извештајот посебно е разгледана и улогата на Европа како главен светски извозник на хемиски супстанци, кои се користат при производство на хероин.
Директорот на Европскиот центар за набљудување на наркотиците и наркоманите Волфганг Гоц изјави дека ЕУ останува важен регион за производство на синтетички дроги, а забележано е и зголемување на производството на канабис.
Во документот се нагласува дека северозападна Европа игра централна улога во ширењето на речиси сите видови на дроги во ЕУ.
Во извештајот е посочена и зголемената улога на Африка како транзитна зона и област за складирање во трговијата со дроги.