Македонскиот пијанист Колос Цури и пејачката Кира Гоголадзе од Русија се лауреати и добитници на највисокото признание „Бисер“ на меѓународниот фестивал „Езерски бисери“ за 2018 година што од 7 до 14 август се одржува во Струга.
Како што соопшти прес-службата на фестивалот, Цури освоил најголем број поени од интернационалното жири во програмата класика, а Гоголадзе во програмата естрада. Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.
Наградите во класика ги освоија руските пијанисти Леф Чефанов и Софија Берестјукова и Анастасија Кочева од Македонија.
Лауреати од прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи: триото Нонстоп и дуетот Дихлина Алена и Белова Олесја (Русија), солистите Антониа Дора Плешко (Хрватска), Артур Борисов (Русија), Горбјак Диана Степановна (Украина), Миронова Арина (Русија), Татјана Саватиќ (Србија), Аалија Коне, Марија Белјакович и Ана Турова (Русија), Тјаша Јакуп (Словенија), Меиде Шламаите (Литванија), Ангелина Дерјабина и Александра Турова (Русија), Славица Ангелова (Македонија).
Успех на фестивалот постигнаа повеќе македонски учесници меѓу кои и Мартина Митревска, Маја Блажевска, Ени Анжиќ, Марија Јаковлеска, Омар Џафероски. Наградата лауреат ја понесоа и Непо Супер Стајл (спортски танц) од Русија, Жилкибај Нурасил Шингискизи (народен стилизиран танц) и ансамблот Мирас (народен сценски танц) од Казахстан.
Наградите им беа врачени синоќа на гала концерт во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Во рамките на фестивалот „Езерски бисери“ се одржа и избор на европска убавица во соработка со World Beauty од Москва. Победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина во декември во Москва.