Полициско комбе вчера попладне пропадна во дупка сред пат во Општина Аеродром. Тоа се должи на раскопаните и уништени улици од налетот на градежна оператива на сите страни. Со секоја власт продолжува истата приказна – интересите на граѓаните се во втор ред, приоритет имаат дозволите за објекти кои никнуваат секаде, а од тоа веќе е познато кој и каква корист има.
Наместо нови асфалтирани улици, во Аеродром веќе се уништени и постоечките, поради градежната експанзија која ја дозволи новиот градоначалник, а против која најавуваше борба. Сето ова се прави без да се имаат предвид интересите на жителите кои гласаа и без никакво почитување на законите.
-Ниту една зграда нема заштитна завеса, ниту еден камион нема заштитна церада па остатоци од земја, камења и кал има насекаде по улиците, ниту еден камион нема исчистени гуми од кал при излез од градилиште. Градежната оператива се паркира секаде по улиците и го уништува асфалтот и тротоарите кои повторно ние ќе ги платиме, се блокираат и прекопуваат улиците без никаква најава, се уништуваат тревници и урбани површини на постојните станари без повторно да се санираат, не се почитува законот за јавен ред и мир и се работи во секое време, градилиштата не се соодветно затворени и големи дупки зјаат отворени.
На сето ова општината ниту еднаш нема црево пуштено да се исчисти прашината, комуналните служби воопшто не функционираат. Тревниците се змијарници. Под крошните на дрвјата може да се шетаат само оние со јак ишијас бидејќи тие се доволно свиткани гранките да не им ги извадат очите кога поминуваат, реагираат жители на Аеродром.
Општината и градоначалникот се на удар на критика на граѓаните кратко време по преземање на општината поради тоа што истите кои се бореа против узурпација на зелената површина и против урбанистичките планови зад кои викаа дека се кријат криминални зделки, сега продолжија по истиот пат.
Освен наследените одобренија за градба за кои тврдеше дека ќе ги стопира, Марин и новата власт во Аеродром носат нови урбанистички планови со кои се предвидува изградба на огромни станбени блокови со над 1000 станови.
Марин иако ветуваше дека ќе ја сопре изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом за што претходно организираше протести на истото место, откако стана градоначалник ретерираше. Сакаше да се зачува зелената површина, ама додека стана градоначалник – потоа кажа дека парцелата е приватна сопственост и тој не може ништо да направи.