Припадници на КФОР рано утринава ги остранија бетонските барикади од магистралниот пат Приштина-Рашка, кај местото Рударе, во близина на Звечан.
Акцијата на припадниците на меѓународните воени сили за отстранување на барикадите, што Србите претходно ги поставија на овој магистрален пат, траеше три и пол часа, јави Танјуг.
Во текот на акцијата немало инциденти, а при остранувањето на барикадите сите приоди кон Рударе биле блокирани.
Припадниците на КФОР по отстранувањето на барикадите се повлекле во својата база во јужниот дел на Косовска Митровица.
Во текот на акцијата на отстранување на барикадите, се слушнале сирени за узбуна во Звечан и Косовска Митровица, а потоа граѓаните се собрале во местото Рударе.
Србите пред неколку дена ги поставија бетонските барикади на магистралниот пат во Рударе за да го оневозможат доаѓањето по овој патен правец на косовските цариници и пограничната полиција на преминот Јариње, кон Рашка.