Со концерт на Камерниот оркестар на Битола синоќа во Струмица беа отворени музичките вечери на седмото издание на Струмица опен фестивал.
Вториот дел на фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– „Струмица опен фестивал“ од денеска зема музички „залет“, па секоја вечер до 19 август, на трите фестивалски сцени во градот, ќе имаме можност да проследиме атрактивни музичко-концертни настани, на кои ќе настапат преку 200 инструменталисти и вокалисти од земјата и странство, истакна градоначалникот Јаневски.
Камерниот оркестар на Битола пред струмичани на сцената во Градскиот парк се претстави со нивниот проект „Рок Симфонија“. При тоа беа изведени познатите хитови на Deep Purple, Led Zeppelin, Queen, AC/DC, Rammstein, Muse и многу други.
Вечерва на програмата од музичкиот дел на Струмица опен фестивал ќе се случи второто издание на македонско-бугарската турнеја One love. На него ќе настапат Слаткаристика, Некст тајм, Графа, Оратница,Саф саунд систем и Јојо ѕвездичките.