Пчеларите од штипскиот регион годинава повторно ќе бележат ниски приноси на медот во споредба со подобрите години, но и со приносите на медот на пчеларите од останатите региони во Источна Македонија.
Претседателот на Здружението „Пчелар 2014“-Штип Томе Толев вели дека состојбата со медот ќе се подобри откако пчелите ќе ги префрлат на паша на повисоките делови.
– Приносот на мед е од седум до осум килограми во просек од пчелно семејство во ниските делови. Во споредба со лани имаме некое подобрување, но не е како поранешните години, кои беа многу добри. Имавме и просек, односно не беа под 20 или 30 килограми од пчелно семејство, рече Толев.
Тој додава дека има и реакции од пчеларите за цената која, како што рече, ја урива увезениот мед. Бараат инспекциите да излезат на терен за да го испитат квалитетот и потеклото на медот, кој се продава по цена од 190 денари.