Комуналното претпријатие Водовод од Осиек соопшти дека сите потрошувачи кои на време ќе ги подмират сметките на подарок ќе добијат знаме на Хрватска.
Дека мислат сериозно, челниците на Водовод покажаа така што распишаа тендер за набавка на 30.000 знамиња, за што обезбедиле околу 100.000 евра, а конечната сума ќе зависи од понудата.
Акцијата на Јавното претпријатие, прв го поздрави градоначалникот на Осиек Крешимир Бубало.
– Мислам дека хрватското знаме би можело да ги мотивира луѓето поредовно да ги плаќаат сметките. Освен тоа, кога нашите генерали Готовина и Маркач се ослободени од хашкиот притвор, забележавме дека голем број жители на Осијек не поставија знамиња, бидејќи ги немаат – рече Градоначалникот, пренесува “Novi list”.
Жителите на Осијек не се воодушевени од досетката на Водовод, бидејќи знамињата ќе се плаќаат од буџетот на претпријатието, во кое се слеваат парите што ги плаќаат преку сметките за вода.