Кина, според свои проценки, заради криминал на Интернет во текот на минатата година загубила 46 милијарди долари.
Кинескиот универзитет за јавна безбедност објави извештај во кој за прв пат се прави анализа на Интернет криминалот, а според него кинеските власти минатата година истражувале 118.000 криминални дела на Интернет, пренесува thenextweb.com.
Според извештајот, во врвот на криминалните дела се измамите, проституцијата, пирамидалната продажба и кражба на лични податоци, а дури 700.000 Интернет корисници секој ден стануваат жртви на кибер криминалот.
Иако Кина презеде мерки за чистење на виртуелниот простор, илегалните активности се раширени. Претходно овој месец, „Њујорк Тајмс“ предупреди дека лесно се достапни сајтовите кои нудат метамфетамин, дрога за поттикнување на силување, оружје и проституција.
Растот на кибер криминалот, сепак, не е неочекуван со оглед на фактот дека се зголемува бројот на кинеската популација на Интернет мрежите.
Според податоците, бројот на корисници на Интернет на крајот на минатата година пораснал на 564 милиони, додека во 2011 година изнесувал 513 милиони.
Во текот на јули минатата година државните медиуми забележаа дека кинеските безбедносни служби уапсиле 10.000 осомничени и растуриле 600 кибер криминални групи.