Повторно пратеници зеле по над 10 илјади евра за патни трошоци

Од:

За само шест месеци одредени пратеници повторно направиле патни трошоци од над 10 илјади евра, покажуваат податоците до кои дојде Макфакс со користење на Законот за слободен пристап до информации, за првите пет месеци од годинава како и последниот месец од 2017-та година.

Во листата на топ 20 пратеници според патните трошоци во овој период, рекордер е пратеничката на СДСМ, Бети Рабаџиеска Наумовска и таа за шест месеци, од декември 2017-та до мај годинава добила 11 770 евра. Мира Стојчевска од СДСМ, која високо котираше и претходно, овој пат зела 10 396 евра, додека Алија Камбероски од партијата ПЕИ, повторно е меѓу пратениците кои имаат повисоки суми за патни трошоци, со 10 355 евра.

За само половина година, пратеничката на СДСМ, Анета Симеска – Димоска наплатила 8359 евра, нејзините колеги од партијата, Хари Локвенец и Милева Ѓорѓиева, по над 7 илјади евра, Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците 7962 евра и Агим Шаќири од ДУИ искеширал 7600 евра. Целата листа може да се погледне на табелата.

По повеќе месеци одолговлечување, намалувањето на патните трошоци конечно стигнаа на агендата на пратениците. Но додека се подготвува новото решение, дел од пратениците повторно земаат високи суми за патни трошоци поради стариот собраниски систем за пресметка кој се уште е актуелен.

За разлика од претходно, во трошоците на новата листа доминираат пратениците на СДСМ, што наверојатно се должи на тоа што во изминатиот период пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа работата на Собранието.

Пратеничката Бети Рабаџиеска Наумовска вели дека таа овојпат има најмногу патни трошоци затоа што е од оние пратеници кои живеат најдалеку.

„Ние го предложивме законот за да се намалат, јас сум во предлагачите, и предложивме ако може да имаме избор за престој во стан или пак да се намалат на 20%. Јас од најдалечна дестинација патувам, од Ресен и во еден правец патувам 205 километри“, вели Рабаџиеска Наумовска.

Стојчевска: Токму ние сме иницијатори на измените, патувам секој ден по 168 километри во еден правец

Мира Стојчевска која во изминатиот период беше изложена на бројни критики од јавноста поради високите суми за патни трошоци за Макфакс вели дека таа секој ден патува од Делчево по 168 километри во еден правец и е редовна на сите комисии и сите седници. Вели дека за високите патни трошоци не се виновни самите пратеници бидејќи оние кои живеат најдалеку немаат други опции за патување и системот за пресметки е така поставен за да ги пресметува трошоците според оддалеченоста на местото на живеење на пратеникот.

„Иницијатори сме токму ние за измените и намалувањето на патните трошоци, навистина не сакам да имам притисок од јавноста, за нешто за кое не сме виновни и немаме друга опција како да патуваме. Се надевам дека сега конечно ќе се реши проблемот. Учествувам редовно на сите седници и комисии и никогаш не ми се случило ниту да задоцнам. Досега беше и многу ризичен патот, фала на Бога што оваа Влада успеа да го реконстриура патот Кочани – Делчево. Сега се заврши и е малку подобро патувањето“, вели Стојчевска за Макфакс.

Таа вели дека би поддржала и други алтернативни решенија, како тоа да не се патува секој ден и дел од пратениците да престојуваат во Скопје доколку е потребно.

„Патувањето е ризик, граѓаните не знаат дека сум имала и несреќи на патот, ние пратениците не бевме ни осигурани до неодамна, немавме колективно осигурување. Секој патен налог е потпишан и има податоци, патарини и документи за сите патувања. Јас засега немам друга алтернатива, беа споменати опции за пат со автобуси и нема никаков проблем, би патувала и со автобус, но немам автобуска линија која ќе стигне навреме за да дојдам на работа во Скопје“, вели Стојчевска.

Пратеникот Хари Локвенец вели дека тој е од Прилеп и со кола стара 13 месеци, која е негово лично возило, има веќе поминато 69 илјади километри.

„Секој ден патуваме, слободно може да го видите и сликате возилото. Мислам дека со ова се е кажано и сите ќе разберат на што се должат патните трошоци“, вели Локвенец за Макфакс.

Макфакс пишуваше дека пратениците кои потекнуваат од подалечните места од Скопје, земаат големи патни трошоци поради проблематичната методологија со кога се пресметуваат патните трошоци. Пресметките се автоматски и се прават според цената на горивото, километрите и оддалеченоста на местото на живеење и нив ги прави автоматски програм во законодавниот дом. Тие со сегашната одлука на Собранието имаат право на надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар, плус патарините.

Пратениците прво приложуваат патна сметка, се потпишуваат во списоци за секоја активност во Собранието и доколку се потпишани, имаат патна сметка и патарини, дури потоа се внесуваат во програма која автоматски им ги пресметува сумите за патни трошоци. Со одлуката да се намали висината од 30% на 20 %, овој систем на пресметка ќе ги рачуна на ист начин патните трошоци, само што висината на сумите ќе биде помала за 10%.

Интересно е што пратениците по пет месеци се сетија за скратување на патните трошоци и актуелизирањето на измените на законот дојдоа кратко по поднесувањето на новото Барање за слободен пристап до информации за трошоците кое Макфакс го испрати до Собранието. Според собраниските служби, се очекува предлогот наскоро да се најде на собраниска седница за гласање, откако го помина и второто читање на Комисијата за политички систем.

Со предложеното законско решение, се предвидува намалување на досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи, на 20 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото.

,,Потребата од предложените измени е во насока на намалување на трошоците од државниот буџет, постигнување на одредени заштеди на буџетските финансиски средства и спречување на евентуални злоупотреби во трошењето на народните пари. Како клучната причина поради која пратениците ги користат сопствените возила за службени цели е непостоењето на адекватен и соодветен јавен меѓуградски превоз – автобуски и железнички, кој би ги задоволил и исполнил реалните барања и потреби. Оттука измената на постојното законско решение, ќе обезбеди заштеда во Буџетот на Република Македонија, но и ќе овозможи непречено функционирање на пратениците кои живеат надвор од Скопје.

Предложената висина на надоместокот за користење на возила во лична сопственост за службени цели, која пратениците ќе ја добиваат согласно одредбите од овој Закон иако е намалена сепак е адекватна за трошоците и за амортизацијата на возилата кои ги користат за ефикасно и навремено извршување на својата функција”, се наведува во предлог-законот доставен од пратеничката група на СДСМ.

„Макфакс“ и претходно објави дека пратениците лани земале од 10-12 илјади евра за патни трошоци. Според пресметките, превозот и патарините на пратениците лани го чинеле државниот буџет приближно 465 илјади евра, или по 50-тина илјади евра месечно се исплаќале само за оваа намена.

Кристина Озимец

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште