Македонска делегација предводена од министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар Владимир Милошев во Тел Авив учествуваат на министерски состанок организиран од Светската здравствена организација и Секретаријатот на здравствена мрежа на земјите од Југоисточна Европа.
Темите на министерскиот состанок организиран од израелското Министерство за здравство се обезбедување примарна здравствена заштита за стареење на населението, имунизација, одговор на кризи, инклузија, инвестирање и иновација во здравствениот систем.
Филипче на состанокот, како што е објавено на веб страницата на Министерството за здравство, истакнал дека имунизацијата е приоритет не само во Македонија, туку и на здравствените системи на целиот регион.
– Досега беа спроведени неколку реформи, а во следниот период се очекува и имплементација на имунизациска електронска картичка, осовременување на календарот за имунизација и обуки и едукации за педијатрите, родителите и пошироката популација за бенефитите од имунизација, потенцирал Филипче.
На министерскиот состанок било заклучено дека заедничка визија на земјите од ЈИЕ е да работат кон обезбедување на здравствена заштита за популацијата која старее, како и да работат кон зачувување и унапредување на здравјето на постарите граѓани, да ги спречат болестите и да промовираат здрав начин на живеење.
Министерството за здравство, како што се посочува, ќе работи на подобрување на нивното здравје и пристап до здравствена заштита со формирање на патронажни сервиси, зајакнување на сервисите за геријатриска нега на регионално ниво, како и зајакнување на капацитетите за банско лекување и рекреација.
Регионална директорка на Светска здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб, истакнала дека правото на здравје на секој поединец, тежнеењето кон универзална здравствена заштита и реформи во здравствениот систем се клучни и во центарот на целите за одржлив развој.
Министерот Филипче на маргините на состанокот се сретнал со израелскиот заменик-министерот за здравство Јаков Литцман. На средбата станало збор за можноста за размена на кадри, едукација во областа на трансплантација и формирање тимови за итна помош и патронажни сервиси.
Во рамки на посетата биле остварени и неколку посети во здравствени установи и била договорена заедничка соработка и размена на кадри.
Од септември во соработка со Рабин Медикал Центар ќе почне размена на лекари, со цел обука на нашите кадри во делот на трансплантација, но и во други области од заеднички интерес.