Над милион патници преку аеродромите во Скопје и Охрид за половина година

Од:

Преку Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, во првите шест месеци од годинава, се превезле 1.041.583 патници, што претставува годишен пораст од 21 процент, во споредба со првата половина од минатата година, објави денеска ТАВ Македонија, концесионерот на аеродормите во Скопје и Охрид.

Во истиот период, од јануари до јуни годинава бројот на летови на двата македонски аеродроми достигна 9.033, со годишен пораст од 16 проценти.

– Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1 процент во 2018 година, ТАВ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што потенцираат од компанијата, растот на патничкиот сообраќај со 21 процент, којшто ТАВ Македонија го забележа од јануари до јуни годинава, го надминува и просечниот раст на аеродромите во земјите кои не се членки на ЕУ, кој изнесува 12,5 проценти во првиот квартал од 2018 година.

Најфреквентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот аеродром Скопје се: Истанбул, Цирих Базел, Виена, Малме и Братислава.

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Виз ер превезува најголем број патници со 63,3 проценти пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,1 процент, Аустриан ерлајнс со 5,1 процент, Германија флуг со 4,6 проценти, Еделвајс со 3,8 проценти, Кроација ерлајнс со 3,1 проценти, Пегасус ерлајнс со три проценти.

Од ТАВ Македонија очекуваат дека порастот на воздушниот сообраќај ќе продолжи со слично темпо и до крајот на годинава, имајќи ги предвид петте нови дестинации кои беа отворени на аеродромите во Скопје и во Охрид на почетокот од летната летна сезона во 2018 година.

На почетокот на минатиот месец ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар, со летови меѓу Скопје и Варшава, а на аеродромот во Охрид беа отворени сезонските дестинации: Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава.

ТАВ Македонија најави и нова редовна авиолинија од Охрид до Виена, која ќе биде воведена во ноември 2018 година.

Меѓународниот аеродром Скопје е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ има три редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании.

На крајот на месецов истекува рокот за доставување понуди на повикот на Министерството за транспорт и врски за избор на авиокомпанија за евтини авиолинии со субвенции од државата.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ