Во организација на Центарот за интеркултурен дијалог вечерва пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ се одржа фестивал „Куманово има млади таленти“ на кој учествуваа повеќе здруженија, групи и млади уметници од градот.
Уметниците цртаа графити, изведоа танцови перформанси, кореографии, изложија уметнички фотографии, а настапија и повеќе локални бендови.
– Манифестацијата се организира со цел да се поттикнат младите да бидат проактивни и поактивни во манифестации од областа на културата и на тој начин да се презентираат себе си и да се изразат преку уметност, изјави Матеј Маневски од Центарот за интеркултурен дијалог.
Манифестацијата „Куманово има млади“ се реализира во рамки на проектот кој го спроведува ЦИД, а е поддржан од програмата „Активни граѓани на Британски совет“.
Претходно, граѓанските организации организираа обуки на кои учествуваа дваесетина учесници од граѓански организации, подмладоци на политички партии, претставници од Советот на општина Куманово и локалната власт. Една од идеите која беше посочена на дебатите беше организација на ваков тип на настан преку кој младите талентирани кумановци ќе имаат можност да се изразат пред пошироката јавност.