Точките за финансиското работење како и цените за водата, канализацијата и пречистување на отпадните води кои беа поднесени од јавното комунално претпријатие од Гевгелија, не добија поддршка од советниците.
По дискусија од скоро два часа, тие не ги усвоија предложените точки поради фактот што и позицијата и опозицијата, како и независните советници имаа многу дилеми околу употребените параметри со кои вработените од ,,Комуналец“, ја изготвиле калкулацијата за цените на водата кои потоа ги доставиле до Регулаторната комисија.
Дел од советниците предлагаа да се повикаат консултантите на проектот за Пречистителната станица и од нив да побараат одговор како е утврдена сегашната цена за пречистување на отпадните води, која изнесува 13,37 денари од кубик за физички лица и 27,23 денари за правни лица, за која сметаат дека е превисока. Воедно, советниците побараа цената што поскоро да се корегира. Според нивните пресметки, таа би требало да биде пониска за 30 до 40 отсто од сегашната и да изнесува околу осум денари за кубен метар за физички лица, односно околу 16 денари за правни лица.
Директорот на „Комуналец“ Златко Зумров изјави дека и покрај препораките на Регулаторната комисија да не се корегираат цените пред истекот на 12 месеци од нивното утврдување, сепак гевгелиски „Комуналец“ до средината на јули ќе процени дали има можност за намалување на цената откако ќе се согледа движењето на приходите и трошоците во изминатите шест месеци од годинава.