Реакциите по акцијата во дискотеките што се случи викендов е доказ дека законот важи за сите, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. Тој рече дека ниту една од дискотеките каде што е извршена акција немала лиценца, а во текот на рацијата кај неколку гости биле пронајдени дрога и оружје.
Заев рече дека дека ако некој полицаец постапил незаконски, ќе биде санкциониран. Но досега, рече тој, нема доказ за нешто такво.
Пратениците од власта, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ вчера на „Фејсбук“ реагираа на полициската рација во скопските локали и апсењето на сопственикот на „Сектор 909“, Огнен Узуновски. Богоевски порача дека заедно со пратеничката Туфегчиќ ќе ги искористат, како што напиша, сите механизми кои ги имаат на располагање, за јавноста да дознае за оправданоста на овие рации.
Во саботата вечерта полициски службеници упаднале во неколку ноќни клубови во Скопје и ги легитимирале посетителите. Некои од нив, револтирани од односот на полицијата објавија реакции на социјалните мрежи. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека полицијата не употребила сила, а акцијата била спроведена според прописите и правилата.
Галена Николовска-Ризвановиќ
