Иднината на новинарството во дигиталната ера е можно само преку концептуирање на високо професионално новинарство во функција на јавниот интерес и демократските вредности, онлајн медиуми што ги следат кодексот на новинарите, како и фокусирање на интерпретација на фактите и пристапноста до публиката.
Тоа беше порачано на конференцијата „Иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера“, што денеска се одржа во Скопје, во организација на Центарот за развој на медиуми.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, рече дека прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера е прашање што алармантно го бара соодветниот одговор и ако го одлагаме одговорот ризикуваме да продолжи опаѓањето на квалитетот на новинарството, загрозување на човековите права и опстојувањето на демократскиот амбинет.
– Во потрагата по соодветен одговор Владата прифати да биде дел од новиот Комитет за квалитетно новинарство во дигиталната ера на директоратот за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа, рече Поповски.
Посочи дека Владата во стратегијата за подготовка на препораки, тргнува од ставот дека промените треба да бидат организирани во четири столба и тоа дефинирање на информации од интерес на јавноста како јавно добро, одржливи модели на финансирање на јавните радиодифузери, етика и градење на доверба во согласност со дигиталната ера и континуирано образование и обука на медиумските професионалци и медиумска писменост на публиката соодветна на дигиталната ера.
Според Дејан Георгивески од Центарот за развој на медиумите, во Македонија кога зборуваме за медиуми и нивната реформа, зборуваме само за нивната информативна функција, а не и на културната и едукативна компонента.
Главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“ Бранко Геровски, на дебатата рече дека за тоа колку го поддржуваме и правиме за новинарството, зборува и тоа колку студенти има и сакаат да учат за новинари.
– Новинарството во Македонија нема да умре. Многу пати сум зборувал и сум го вадел аргументот дека може да се случи еден ден да нема весници во Македонија, додека не ми плеснаа во лице сериозен аргумент дека, ќе има весници што ќе можеме да ги разбереме на јазици блиски до нашиот. Новинарството ќе влезе во ера на нов колонијализам, истакна Геровски.
Посочи неколку задачи кои треба да се направат. Прво, во новиот закон за медиуми за се препознаат новинарите на интернет, второ да се направи нешто за доедукација на новинарите и трето сериозно да се размисли за институционална поддршка на редакции.
Сефер Тахири, од Факултетот за јазици, култура и комуникации на Универзитетот на ЈИЕ, посочи дека треба да се најде начин како публиката да биде запознаена дека на интернет постојат канали кои се уредени како медиуми и канали кои шират лажни вести.
– Идејата е да се создаде регистар на медиуми во онлајн сферата, што ќе ги евидентира сите медиуми кои дејствуваат во онлајн просторот, а кои имаат импресум и се обврзале да го следат Кодексот на новинари, рече Тахири.
Според Јасна Бачовска Недиќ од Факултетот за новинарство при УКИМ, ние имаме изменет социјален амбиент и новата комуникациска технологија го менува целиот аспект на живеење, а не само на новинарската професија.
– Потребно е концептот на јавно информирање да добие визура. Тој што планира да биде медиум да се регистрира како медиум, да има физичка адреса и општествена одговорност. Пред се еден високоинтелектурален профил на новинар кој што е креатор на јавното мислење, рече Недиќ.
Нагласи дека ситуацијата со студиите по новинарство е поразителна, каде сега има само еден професор што е образован во новинарството, а за да се креира програма потребни се пет доктори на науки во областа.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани, рече дека ова не е најдобро време за новинарството, но дека новинарството во иднина ќе биде подинамично и прилагодено на новите трендови.
– Повеќе треба да зборуваме за пристапност, како содржините што ги произведуваме да бидат попристапни до луѓето, а не дека тие се неписмени и не разбираат. Новинарството има иднина ако се фокусира на интерпретација на фактите, бидејќи секој може да пренесе, но не секој може да интерпретира факти, истакна Селмани.
Нагласи дека лажните вести се лажна агенда и не треба да се прифаќа регулирање на медиумите со цел борба против лажните вести.