Градоначалникот на албанската престолнина Љуљзим Баша, денеска престојуваше во посета на Дебар, каде имаше средба во локалната самоуправа со градоначалникот Аргетим Фида, претседателот на Советот Петрит Имами, а имаше и обраќање пред советниците.
– Денеска сум овде, браќа и сестри, да ви испорачам поздрави од Тирана и гаранција дека она што се случи пред 100 години нема да се повтори. Ние Албанците секогаш сме ја подавале раката на помирување и соработка, така сме определени и денес за единствен Балкан обединет во Европа. Албанците каде и да живеат тие придонесуваат за соработка, добрососедство и соживот, рече Баша пред советниците.
Зборувајќи за идеата на неговиот партиски лидер и актуелен премиер Сали Бериша, за национално обединување на Албанците, Баша рече дека вредностите кои ги имаат Албанците како нација се толеранцијата, љубвта и мирот.
– Никој не треба да се плаши од обединет албански народ. Нашето обеднување е обединување на душите. Нашето обединување е како што е на премиерот Сали Бериша, духовен проект на секој Албанец. Колку пати сме биле обединети толку сме биле посилни. Ни било подобро, а подобро им било и на нашите соседи, а Европа била посигурна, оцени Баша, нагласувајќи дека обединување на албанската нација не го попречува, туку го потпомага интегрирањето во Европа.
Баша уште порача дека секој Албанец каде и да живее, во Дебар, или Тирана, во Битола или Охрид, во Приштина или Медвеѓа и Прешево треба да се чувствува дека живее на свои автохтони територии. Тој вети интензииврање на изградбата на автопатот Руга е Арбрит или како што ја нарече националната артерија која ги поврзува Тирана и Дебар.
Баша присуствуваше и на пуштање на новата саат кула џамија која се наоѓа во центарот на Дебар