По долга и емотивна дискусија и анализа на текстот на договорот со Грција, Централниот одбор на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) одлучил да ја поддржи неговата ратификација, а одлуката за тоа од ДОМ ја образложи преку соопштение за јавноста.
„Ратификацијата во овој миг и е потребна на Македонија, од три причини. Прво, со ратификацијата Македонија ќе ги започне конечно преговорите со ЕУ и ќе го откочи процесот за прием во НАТО. Тоа се наши стратешки цели, неопходни за зачувување на нашиот територијален интегритет и на нашите млади генерации. Второ, со овој договор престанува да важи претходниот договор од 1995, со кој бевме обврзани пред ОН да преговараме со Грција и да ја носиме понижувачката референца Поранешна југословенска република Македонија. Трето, со овој договор Македонија ја извојува главната битка, која се водеше зад сцена и беше вистинската причина што досега не можевме да најдеме заеднички прифатливо решение. Тоа е битката за македонскиот идентитет, како македонски народ, со македонски јазик, култура, традиција и историја“, се наведува во партиското соопштение.
Од ДОМ додаваат дека договорот е комплексен и комплициран, со многу деликатни моменти кои бараат дополнителни формулации и борби во текот на неговата имплементација.
„Ќе ни треба уште многу сила, мудрост и обединетост, за да влезе Македонија во мирни и безбедни води. Конечната иднина на земјата ќе ја одредат самите граѓани на референдум и тој глас ќе треба сите да го почитуваме“, велат од Демократска обнова на Македонија.