Иран кој било напад врз Сирија ќе го смета за напад врз себе, изјави денеска помошникот на иранскиот врховен лидер Али Акбар Велајати.
Иран е главниот сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој веќе речиси две години се соочува со бунт во својата земја.
– Сирија има основна и главна улога во регионот во промовирање на силна политика на отпорот… Поради тоа нападот врз Сирија би можел да се смета и за напад врз Иран и иранските сојузници, истакна Велајати.
Техеран неколку пати ги предупредуваше западните земји против интервенирањето во Сирија. Иран ја смета Сирија за дел од оската во спротиставувањето на Израел и влијанието на Западот на Блискиот Исток.
Иран и Сирија во 2006 година потпишаа одбранбен договор, но неговите детали се малку познати, а исто така, не е познато дали договорот го потпишале и други држави.