Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека сака да и обезбеди место на Велика Британија во една реформирана Европска унија. Во интервју за Си-ен-ен, зборувајќи од Давос, Камерон инистира дека пред ЕУ нема поставено список со барања, заканувајќи се дека ќе ја напушти Унијата, додколку тие барања не се исполнат.
– Сакам да бидам запаметен по повторното покренување на британската економија, по зајакнувањето на домашното општество и посебно, по обезбедувањето место за Велика Британија во една реформирана ЕУ, вели британскиот премиер.
Во разговорот, Камерон истакнува дека станува збор за британски интереси, но дека во прашање се и интересите на Унијата. Тој вели дека ЕУ сега со 27 членки ќе мора да се менува.
– Брисел честопати знае да оди предалеку и да претерува со наметнати барања и законодавството во социјалниот сектор, при вработувањето и во заштитата на чвековата околина, оценува Камерон.
Изјавата на британскиот премиер доаѓа по навестувањето на Камерон за одржување референдум во Велика Британија за напуштање на ЕУ, што би се оддржал по 2015 година и следните парламентарни избори. На предавање за британско-европските односи во Лондон, тој соопшти дека ќе има референдум доколку победи на парламентарните избори за нешто повеќе од две години и доколку Брисел не се согласи со ревизија на односите на Велика Британија со Унијата.
Само два дена подоцна, зборувајќи во Давос, на светскиот економски форум, Камерон рече дека барањето за поинаква ЕУ не значи дека тој и врти грб на Унијата.
Европските лидери во најголем број, негативно реагираа на британските барања за нови преговори околу членството на Велика Британија. Само Германија навести дека е подготвена да разговара со Лондон и да види што навистина сака Камерон.
Британските лабуристи и либералдемократите ја осудија европската политика, нарекувајќи ја штетна за британските интереси. Лидерот на либералдемократите и заменик премиер Ник Клег изјави дека е „неверојатно оти ЕУ ќе се согласи со менување на своите правила, само за да и угоди на Велика Британија“.