Реформирањето на основното образование преку изготвување и примена на целосно ново законско решение, изработка на нови наставни програми и учебници со подобрена содржина, како и унапредување на квалитетот на средното образование особено во стручните училишта, остануваат да бидат главни приоритети во работењето на Министерството за образование и наука во периодот што следи.
Ова го истакнал министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната средба со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Како што соопшти МОН, Адеми ветил дека од позиција на министер за образование и наука максимално ќе се заложи за продлабочување на соработката помеѓу двете земји во сите образовни сегменти и области.
Од францускиот амбасадор добил честитки за именувањето на функцијата и уверување дека Франција и натаму останува голем поддржувач на Република Македонија во процесите за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, преку реформите кои се дефинирани во стратешките владини документи.