ВИДЕО: Топол оброк за стотина граѓани, се подигнува свеста за користење на вишокот храна

Од:

Мирис на топол оброк, пријатна атмосфера и насмеани лица денеска во црквата „Св. Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров дочекаа граѓани што не можат да си дозволат достоинствен оброк. Иако во оваа црква речиси 20 години секојдневно се хранат 100-ина граѓани, денешниот настан е дополнително организиран од асоцијацијата „Ајде Македонија“, која го заокружи шестмесечниот проект со мотото „Сите сити, сиромаштија за никој“.

Целта била да се подигне свеста вишокот храна да стигне до оние што не можат да си ја дозволат. Според искуството на организаторите од оваа асоцијација, има многу храна што завршува на отпад и потребни се мерки за едукација и за подигнување на свеста, но и промени во законската регулатива. Постои еден правен апсурд, односно доколку некој вишокот храна го донира, подлежи на оданочување и затоа е принуден да ја фрли. Тие имале средби со надлежните за да се најде решение и законски да се регулира овој проблем, со што ќе се даде дополнителен мотив на компаниите, рестораните, производителите што располагаат со вишок храна да може полесно да ја достават до оние на кои им е потребна.

„Освен што бараме начин да ја дистрибуираме храната до лицата што не може да си ја дозволат, нашата заложба е оние што се социјално најзагрозени да добијат елементарно достоинствено чувство дека не се отфрлени од општеството. Сосема поинаку размилува човек кога не е е гладен и кога е во комуникација со луѓе што може да му помогнат. Се обидуваме на членови од овие социјално загрозени семејства да вклучиме и во некој работен ангажман, да може самите да си обезбедат подобра иднина. Свесни сме дека ова е само почеток, но со големи заложби преку овој проект може да им се помогне многу на најсиромашните граѓани“, ни рекоа организаторите.

Кон крајот на јануари 2018 година асоцијацијата „Ајде Македонија“ почна со имплементација на проектот „Храна за сите, сиромаштија за никој“ преку кој идните професионални угостители (готвачи, пекари, слаткари) се едуцираа за важноста на паметното искористување на храната како ресурс, намалување на фрлањето и помагање на тие што немаат. Целта беше да се стигне до училиштата, без отпад од храна и идни млади професионалци со висока свест.

„Настанот има цел да ги пренесе визијата и целите за намалување на гладот, користење на храната како важен ресурс, но и грижата за луѓето што не може да си дозволат достоинствен оброк“, потеннцираат тие.

На овој настан учествуваа и вработените од „Осигурување Македонија“, како и дел од учениците од средните угостителски училишта, кои приготвуваа оброци, а потоа сите заедно уживаа во зготвеното и се надминаа разликите барем за момент.

Ана Василева

Би можело да ве интересира

Награди за хуманитарни активности на институции и поединци

Ана Ололовска

ВИДЕО: И Сашко Коцев се приклучи на хуманитарната забава за Николче од Велес

Ана Ололовска

Хуманитарен настан „За ХАЕ, на точак“

Емир Латифовиќ

Хуманитарен концерт на Битолскиот детски хор „Ѕвончиња“

Ана Ололовска

Светскиот ден на прва помош

Ана Ололовска

СДСМ се вклучи во хуманитарната акција на Американската амбасада во Скопје и Црвениот крст

Ана Ололовска