Како да се подобри безбедноста во сообраќајот во населените места беше тема на денешната работилница, што во Куманово ја организираше Републичкиот совет за безбедност на патиштата, во соработка со општина Куманово, СВР Куманово и превозниците. Ристо Манчев, секретар на РСБСП информираше дека на годишно ниво во Македонија, во просек животот во сообраќајни несреќи го губат околу 160 лица, лани 155 лица загинале.
– Ова е сериозен проблем со кој се соочуваат современите општества, вклучително и Македонија и затоа иницираме работни средби во градовите за да ги анализираме состојбите со безбедноста во сообраќајот и да се преземат мерки за надминување на состојбата, вели Манчев.
Статистиката покажува дека се зголемува бројот на лица кои гинат во населени места во однос на патиштата. РСБСП во наредниот период повеќе ќе обрне внимание на подигање на свеста на локално ниво.
Во Куманово, лани шест лица го загубиле животот, а 66 се здобиле со тешки телесни повреди. Иако, Куманово не е во најзагрозените региони, од РСБСП велат тоа не значи дека сите чинители од локално ниво не треба да дејствуваат за да се подобри безбедноста на патиштата. Најчести причини за настанување на сообраќајните несреќи се брзо возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на страна и правец на движење.
– Факторот човек останува причина број еден за настанување на сообраќајните несреќи со фатални последици, затоа посебен акцент ставаме на едукација, но важни се и други фактори бидејќи сообраќајот е сложен систем, вели Манчев.
Професор Зоран Јошевски, член на РСБСП и од Техничкиот факултет од Битола вели дека новиот начин на следење на податоците поврзани со безбедноста во сообраќајот укажуваат дека аномалии има во вкупниот систем и кај сите учесници во сообраќајот и патната мрежа.
– Во добар дел од општините имаме крајно некоректно однесување на сите учесници во сообраќајот, вели Јошевски. Како пример наведе дека воопшто не се користи сигурносен појас на задните седишта, во дел од општините околу 60 до 70 проценти од возачите на мопеди не користат заштитен шлем.
– Овие податоци ги користиме за креирање мерки со цел подобрување на безбедноста од општините, па на државно ниво, појаснува Јошевски.
Вакави работилници ќе се одржат и во останатите градови од Македонија.