Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека избори мора да има заедно со претседателските следната година.
-Да видиме дали народот се согласува со она што го прави Зоран Заев и СДСМ. Мора да се порази Зоран Заев и тоа да се порази многу силно, рече Мицкоски.
Според него ова е историски период за Македонија кога се решава прашањето за името.
– Ќе ви кажам нешто, влегов во политиката затоа што ми е важна Македонија, и иднината на моите граѓани и на моите деца, на нашите деца. И за мене достоинството и честа градени со години немаат цена, а немаат цена затоа што чистиот образ е огледало по која треба да се препознае една личност. И како човек многу тешко ми паѓа кога гледам овие денови како некој друг кој е власт во оваа наша убава земја си игра со достоинството на сите, и ја распродава честа како на пазар, она што е на сите и што ни припаѓа на сите, го продава многу евтино, иако тоа е бесценето. Си игра со трпението и интелигенцијата на 2 милиони луѓе.
Излегуваше Зоран Заев и кажуваше дека нема да има промена на Уставот, дека ќе го заштителе идентитетот, дека имал некоја жица од гитарата Македонија се викала. Како поминува времето гледам дека не само ќе ја искине жицата, туку и гитарата сака да ја испогани и искрши на парчиња. Сега вели промената на Уставот не била промена на идентитетот. Ако не беше тоа зошто Уставот ја дефинира нашата земја, нашата држава, нејзиното уредување, тоа нашиот извод од матичната книга на родените. Сега кога договара промена, сите ќе не ословуваат по тоа ново име. Ако Зоран Заев во неговиот извод од матичната книга на родените се напише на пример ЕВРО, неговиот омилен збор од тој момент па натаму сите ќе го викаме Евро Заев. Ќе направи непоправлива штета. Непоправлива штета од што нема назад. И затоа сакам да порачам и да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи промена на Устав со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право, рече Мицкоски.
-Ќе ни се закануваат, но ако мислат дека ќе им се исплашиме се лажат. Не ви се плашиме, ВМРО-ДПМНЕ не се плаши кога е во прашање иднината на нашата земја, зашто ние одиме по патот на татковината, рече тој.
-Доста е, вака веќе не може, рече тој.
Политичката борба, нивото на политичко однесување драстично е опаднато во еден подолг период, и наметнати се лажни стандарди и вредности за тоа, како политиката треба да изгледа и како политичарите треба да се однесуваат. Но сето тоа мора да го промениме.
Затоа што НАТО, кој несомнено е значајна Алијанса кон која стратешки се стремиме, само по себе нема да не промени како личности. НАТО нема да направи камионите на Заеви помалку да вртат, или ЕУ нема да ги намали хектарите засадени со марихуана од Заеви.
НАТО и ЕУ, се вечен стремеж на нас и нашата генерација. Одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети. Да се создаде систем каде што вредностите и квалитетите, човечки и професионални ќе бидат пример за успех и напредок, а не за тоа кој со кого е близок, или дали се познава со Заеви или со некој висок функционер на СДСМ.
Јас сум само 5 ипол месеци претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Некои ќе речат прекратко некои ќе речат доволно време за акција. Некои имаат повеќе, а некои имаат помалку доверба во мене. Некои мислејќи дека така ќе фрлаат дамка на мене, велат сум нечија сенка, некои велат се оградувам од старото раководство. Некои веруваат во сосема нешто трето, дека некој ме донесол да направам нешто и да си заминам. Некој пак има сосема различна теорија.
Но јас, за почеток, додека не ме запознаете подобро, не барам целосно да ми верувате мене. Барам да си верувате во самите себе, рече Мицкоски.