Јубилејот, 50 години од формирањето на градинките во Гостивар беше одбележан со приредба и богата програма која ја изведоа децата кои се згрижени во градинките. Децата, од повозрасните групи, кои од септември ќе станат првачиња, создадоа празнична атмосфера и испратија пораки за мир и радост во Центарот за култура АСНОМ.
За важноста од згрижувањето на децата кое во Гостиварско започнало пред половина век потсети Наташа Саздовска, директор на детски градинки во Гостивар.
– Вториот дом, градинката е првиот чекор на детската социјализација, место за развој на сопствената мисла, контакт со поинаква средина од домашната, како и катче кадешто се учат првите животни лекции за хуманост и чесност. Горди сме на уште една генерација со која се зародивме, заживеавме и ги засакавме како свои, рече во обраќањето Саздовска.
Честитки и желби за натамошен успех на идните првачиња им упати и градоначалникот Арбен Таравари кој присуствуваше на приредбата во Центрот за култура која се поклопи со Светскиот ден на детето.
– Децата се оние кои ни пружаат радост што никој друг не може да ни ја даде. За жал, во последно време се соочуваме со иселување на младите луѓе, па затоа мораме да се залагаме да создадеме подобри услови за живеење во земјава и младите да почнат да гледаат перспектива во својата татковина. Посакувам што поскоро да ги видиме нашите градинки преполни со деца, рече Таравари.
Во склоп на Јавната Установа „Детска радост“ во Гостивар работат три градинки „Цветови“, „Пролет“ и „Пчелка“, а функционираат и два центри за ран детски развој. Во нив се згрижени над 600 деца, а за нив се грижат над 80 негувателки, воспитувачки и друг персонал.