Алтернативните форми на туризам и еко туризамот ќе бидат приоритет при промоција на општините Струмица и Ново Село, договориле денеска на средба директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски и градоначалниците на општините Струмица и Ново Село, Коста Јаневски и Боро Стојчев.
На средбите се утврдени потенцијалите на двете општини за развој на туризмот и нивна промоција на странски пазари.
– Општина Струмица е културен, трговски и политички центар на Југоисточниот регион и претставува дестинација за фестивали и настани. Со бројни манифестации организирани во оваа општина во текот на целата година, таа го има приматот регионот, за што АППТ посебно ќе стави акцент при промовирањето на интернационалните саеми за туризам, соопшти АППТ.
Дополнително, укажуваат, постоењето на манастирите во околината на Струмица даваат можност за развој на верски и културен туризам, но и алтернативните форми на туризам кои може да се збогатат со рурални посети на околните села како и Колешинскиот и Смоларскиот водопад.
Заедничка промоција е договорена и со кабинетот на градоначалникот на општина Ново Село, а како приоритетна активност на која ќе се оствари промоција на двете општини е интернационалниот саем во Софија од каде се и најголемиот број на туристи во овој регион.
АППТ најавува дека ќе продолжи со организирање средби со општуните на кои ќе се разгледуваат конкретни предлози за преземање активности кои ќе придонесат за унапредување на туризмот во целина.