Индискиот бизнисмен Субраната Рој, кој престојува во Република Македонија, денеска во Охрид ќе ги претстави плановите за инвестиции во земјава, а ќе ја посети и локацијата каде што треба да гради туристички комплекс.
Комплексот е лоциран на крајбрежјето на Охридско Езеро кај Љубаниште. Ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода итн.
Проектот „Сахаријан Македонија“ е проектиран од една од најпознатите светски британски архитектонски компании „Аткинс“ и архитектот Том Врајд кој го има проектирано и грандиозниот и најпознат хотел Буџ Ал Араб во Дубаи, единствен хотел со 7 ѕвезди во светот. Исто така, тие се дизајнери на еден од најлуксузниот и најголем патнички брод во светот – Oasis of the Seas. Имаат дизајнирано луксузни објекти во Русија, Обединетите Арапски Емирати, Сејшелските острови, Индија, Тајланд, Кипар, Индонезија, и многу други земји.
– Планираат во Охрид да има специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високи ниво, спа центар, вили кои ќе бидат дадени на продажба. Предложени се хотелски сместувања, конференциски сали, шопинг центри и друго. Предвидуваат и неколку оргинални и ексклузивни содржини за кои можеме да напоменеме дека ќе ги има само во овој комплекс, односно на Охридското Езеро и никаде на друго место во светот, информираа од Министерството за финансии.
Инвестицијата од Субрата Рој, посочуваат, ќе ја продолжи туристичката сезона во Охридскиот регион да биде 365 дена во годината, ќе креира и илјадници работни места и ќе го поттикне градежништвото и други индустриски дејности во земјава.
За време на посетата Субрата Рој ќе разгледа и други инвестициски можности во земјава во областа на земјоделството, туризмот и други економски сектори.
При престојот во Македонија пред Субрата Рој ќе бидат претставени можностите за инвестирање и во областа на земјоделството, туризмот и други економски сектори.
Домаќин на Субрата Рој е вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, кој вчера попладне го пречека на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“. Во рамки на посетата претседателот на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ ќе престојува и во Скопје и Охрид.