Со поетски митинг „Стихови за душата“ беше крунисана 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“

Од:

Во незаборавна атмосфера, во која тишината ја параа стиховите, како мелем за душите на присутните во преполната сала на домот на култура „Илинден“, се одржа централниот настан на 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“, поетскиот митинг „Стихови за душата“.

Величествена атмосфера во која вистински се уживаше во стиховите на 26 автори од Македонија и балканските држави. Меѓу нив, Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Раде Силјан, Санде Стојчевски, Ристо Василевски и Миќо Цветиќ од Република Србија, Марија Атлиман од Република Бугарија, Божидар Брезничак Багола од Република Хрватска, потоа Весна Ацевска, Георги Барбаровски, Кристина Николовска, Стојан Тарапуза, Филип Клетников, Игор Крајчев, Фима Клетникова, Кире Неделковски, Марина Мијаковска, Ленче Милошевска, Билјана Станковска, Виолета Танчева Златева, Мирјана Тренчева, Анита Бошкова, Ели Маказлиева, Ивана Величковска Боцеска, Васо Николовски Вселенов и македонско-хрватската поетеса, Љерка Тот Наумова.

Поетскиот митинг го отвори покровителот на Литературната манифестација „Илинден 2018“, градоначалникот на Oпштина Илинден, Жика Стојановски, кој истакна дека е среќен што ја има честа да го отвори овој празник на пишаниот збор – поетскиот митинг „Стихови за душата“.

– Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам и да ви посакам искрено Добредојде на централниот настан на 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“, Поетскиот митинг „Стихови за душата“, во оваа творечка светлина што не опкружува.

Искрено се чувствувам прекрасно кога се наоѓам во друштво со писатели и книги, со толку многу врвни имиња во областа на литературата, во областа на поезијата, литературни творци кои ја пишуваат историјата на македонската поезија и проза. Вистина се гордеам што сум денес на ова место, се гордеам што благодарејќи на вас општина Илинден, оваа седмица е центар на културата во нашата земја и регионот, центар на македонската и балканската поезија, истакна градоначалникот Стојановски.

Тој додаде дека културата и традицијата се белег на нашето постоење и значаен симбол на културниот идентитет на секој народ. Затоа, развојот на културата и негувањето на културните вредности e еден од важните сегменти во работењето на Општина Илинден и претставува голем предизвик и поттик за наше што поголемо ангажирање на локално ниво.

-Литературната манифестација „Илинден“ е само дел од активностите што Општина Илинден ги презема во насока на развој и негување на културните и образовни вредности. Создадена пред 19 години, оваа денес препознатлива манифестација, ја остварува својата цел – интензивирање и промовирање на современите културни достигнувања. Преку Литературната манифестација „Илинден“ се остварува нашата намера да ја приближиме книгата до секој поединец, книгата да стане дел од животот на секој од нас. Пред се, затоа што со секоја прочитана книга стануваме побогати. Побогати со нови знаења, нови искуства, нови идеи, нови можности, додаде градоначалникот Жика Стојановски.

Тој ја искористи можноста да искаже голема благодарност до Друштвото на писателите на Македонија без чија поддршка, како што рече, Литературната манифестација „Илинден“ ни оддалеку немаше да биде она што е денес.

-Искрено ви благодарам што ни ја овозможивте оваа привилегија што не се случува секој ден. Искрена благодарност до сите оние што дадоа свој придонес во реализација на литературните манифестации, учесници, поддржувачи, рече на крајот од своето обраќање градоначалникот Жика Стојановски.

На присутните им се обрати и претседателот на собранието на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петревски, кој му се заблагодари на градоначалникот Жика Стојановски и на општина Илинден што толку години по ред успешно реализираат една ваква голема манифестација која дава голем придонес во негувањето на пишаниот збор.

-Ова не е локална манифестација, не е ни републичка, туку меѓународна. Денес тука имаме гости од странство на кои искрено им се заблагодарувам, како и на членовите на Друштвото на писателите на Македонија. Во името на вистината, во името на поезијата и во името на оваа прекрасна манифестација ви благодарам за вашето присуство и верувам дека ќе минеме уште една убава и не само убава, туку и продуховена поетска, литературна, книжевна вечер и нека се множат културните настани во општина Илинден. Друштвото на писателите на Македонија секогаш ќе биде присутно кога ќе не повикате, истакна Христо Петревски.

На сите учесници во манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели признанија за особен придонес во афирмацијата на културниот развој на општина Илинден.

Истовремено за особен придонес за воспоставување и негување на пријателство со остварување на контакти кои резултираа со потпишување на спогодба за пријателство меѓу општина Илинден од Р.Македонија и општина Решетариод Р.Хрватска и посебни заслуги за реализирање на заеднички проекти во областа на ЛЕР- култура и образование, градоначалникот Стојановски посебно признание и додели на поетесата Љерка Тот Наумова.

Поетскиот митинг „Стихови за душата“ беше заокружен со музички колаж на Марјан Јанкоски и „Портал“.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот