Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека Германија е подготвена за разговор за британските желби, но додаде дека ЕУ и Велика Британија мораат да бидат подготвени за компромис.
-Германија и јас лично сакаме Велика Британија да биде важен дел и активна членка на ЕУ. Подготвени сме да разговараме за британските желби, но секогаш треба да имаме на ум дека другите земји имаат поинакви желби и дека мораме да најдеме фер и компромисно решение, им изјави Меркел на новинарите.
Реагирајќи на денешниот говор на британскиот премиер Дејвид Камерон во кој побара радикални реформи во ЕУ и на Британците им вети референдум за членството по 2015 година, Меркел изјави дека интензивно ќе разговара со Лондон за нивните идеи, но дека за тоа ќе има повеќе време во следните месеци, пренесуваат британските медиуми.
Претходно денеска се огласи и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле кој порача дека Германија сака Велика Британија да остане полноправна членка на ЕУ, но дека Лондон не може да очекува да ги избира аспектите за членството кои само нему му одговараат.