Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека Србија, со акцијата за отстранување на споменикот на поранешните припадници на Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац (ОВПМБ) во Прешево, ја покажала својата желба за размена на територии.
– Со оваа акција Србија ја демонстрираше својата желба за размена на територии, Ивица Дачиќ таа идеја дури и ја спомна во Брисел. Но, ние имаме свои планови и своја стратегија со која ќе победиме, изјави Тачи во интервју за приштинскиот весник „Експрес“.
Тој оцени дека размената на територии меѓу Србија и Косово е едно од најнеприфатливите сценарија за Србија по одлучната акција на косовската Влада од 25 јули 2011 година за обезбедување на целовитоста на косовската територија.
Тачи истакна дека и предлогот на Дачиќ за размена на територии тој и Владата категорички го одбиле бидејќи тоа „апсолутно оди на штета на националните интереси на Косово, таквата опција е во целосна спротивност со националните интереси на Албанците каде и да живеат“.
Косовскиот премиер истакна дека е разочаран што политичките лидери и граѓани на Прешевската Долина не направиле ниту најмал обид да го одбранат споменикот на ОВПМБ и покрај тоа „што ги упатив што да направат“.
Тој изрази разочарување и поради насилството над српските гробишта и споменици во Косово.