Мексиканскиот министер за финансии Илдефонсо Гуахардо изјави денеска дека се мали шансите да се постигне договор за огромниот трговски договор НАФТА со САД и Канада во текот на оваа недела.
Американскиот Конгрес побара од трите северноамерикански држави да постигнат договор за евентуални промени во НАФТА најдоцна до четврток, за тие евентуално да може да бидат претставени пред новиот состав на американскиот Конгрес во јануари. Но, според Гуахардо, нема големи шанси да се постигне согласност во рокот што го бараат САД. Според Гуахардо, врз преговорите, освен американските конгресни избори во ноември, влијаат и изборите за претседател на Мексико кои ќе се одржат на 1 јули, на кои води левичарскиот кандидат Мануел Лопез Обрадор.
Едно од главните спорни прашања во преговорите е американското барање да се воведе одредба во НАФТА со која договорот ќе престане да важи доколку на секои пет години не се постигне одново согласност за негово продолжување. САД и Мексико се во жестоки преговори и околу правилата за автомобилската индустрија, при што САД протестираат поради честото одлевање на автомобилски работни места во Мексико.