Обвинителката Валентина Бислимовска на завршните зборови за случајот „Поктуп” рече дека Зоран Заев не примил пари за поткуп.
„Во истрагата и од исказот на сведокот Иван Николов кој беше дециден дека не дал пари, а Зоран Заев не примил подарок, е утврдено дека таквата последица не настапила”, рече обвинителката.
Додаде дека обидот за барање подарок не може правно да опстои.
Според неа, со делото за кое Обвинителството го товареше Заев, не е прибавена значителна имотна корист. Таа рече дека сите дејствија кои Заев ги презел се законски.
„Неспорен е фактот дека парите не се примени. Имотната корист не е прибавена“, дополни Бислимовска и додаде дека законот е јасен – кога за кривично дело се бараат пари не дозволува квалификација во обид.
„Во текот на 2014 година во општина Струмица, како службено лице градоначалник обвинетиот З. З. директно од сведокот побарал пари за себе и за друг за изградба на црквата, што би морал да го изврши, да донесе одлуки по поднесените барања за приватизација на градежни земјишта во општина Струмица за 5 катастарски парцели“, рече Бислимовска.
Таа побара преквалификација на кривичното дело за Заев. Исто така, обвинителката рече дека сведокот не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави во Јавното обвинителство и во Судот.
Со преквалификацијата на делото, всушност, е различна висината на казната затвор. Постојното обвинение предвидуваше најмалку 5 години затвор, а со новото, од 1 до најмногу 5 години затвор. Обвинителката побара осудителна пресуда за Заев.
Васко Маглешов