Овој четврток, на 17 мај во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Нинг Фенг се враќа“, на кој, како што кажува насловот, ќе настапи виртуозот на виолината, кинескиот уметник Нинг Фенг, кој минатата година ја маѓепса македонската публика.
Овој пат, еден од водечките виолинисти денес, Нинг Фенг, се враќа на нашата сцена со изведба на виртуозното и прекрасно дело за виолина – „Шпанска симфонија“ од Едуард Лало.
Концертот ќе се одржи под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата е и Првата симфонија од Јоханес Брамс, насловена „Патетична“, една од најкомплексните симфонии во класичната музичка литература.
Еден од водечките виолинисти во Кина денес – Нинг Фенг иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, тој е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментно живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката ќе го оцени како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што ќе стане првиот студент кој некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал.
Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд. Соработувал со голем број реномирани оркестри, меѓу кои и со Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Рускиот државен симфониски оркестар, Стразбуршката филхармонија, со Филхармонијата на Лос Анџелес, со Берлин концертхаус оркестар, со симфониските оркестри на Сингапур и на Макао, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, со Филхармонијата на Хонг Конг, со Радиосимфонискиот оркестар на Франкфурт…, со реномирани диригентски имиња. Активен е и како камерен музичар. Член е на „Драгон квартет“ и редовно соработува со истакнатиот пијанист Игор Левит. Магазинот „Пицикато“ ќе напише дека е музичар кој „импресионира не само со техничките вештини, туку и со топлината, а неговиот тон е постојано полн и лирски…“ Нинг Фенг свири на виолина „страдивариус“ од 1721 година.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски (1956) рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во раните седумдесетти години на минатиот век емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР, која за него била мошне значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар добил статус на еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата.
Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар (БСО) на Рио де Жанеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Тогаш го формирал Младиот симфониски оркестар на Бразил, кој прераснал во еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО заминал на турнеја и во САД, кога во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центар одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и од критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиски оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим.
Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационален натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот.