Листата на шиитскиот проповедник Садр води на изборите во Ирак

Од:

Опозициската изборна листа на шиитскиот исламски проповедник Муктада ал Садр е во водство на парламентарните избори во Ирак по преброени над половина од гласовите, соопшти ирачката Независната изборна комисија.

На второ место по пребројувањето на 95 проценти од гласовите од 10 од вкупно 18-те ирачки провинции, е вториот шиитски опозициски блок Фатах, кој е поддржан од Техеран и предводен од Хади ал Амири, лидер на поранешната шиитска милитантна група Ал Хашд ал Шабви, која се бореше против борците на Исламската држава.

Листата на ирачкиот премиер Хајдер ал Абади, Насер (Победата), најверојатно ќе остане на третото место.

Извори од комисијата и од силите за безбедност претходно соопштија дека листата на Абади води на изборите, што се одржаа во саботата.

Излезноста на гласачите беше 44,52 проценти, што е значително помал одѕив од претходните избори, кога гласаа 60 проценти од избирачите, информира Изборната комисија.

Резултатите допрва може да се променат, бидејќи во нив не се вклучени гласачките ливчиња на речиси 700.000 припадници на безбедносните сили и околу еден милион Ирачани кои живеат во странство.

И покрај успехот на опозицијата, според прогнозата на телевизијата Ал Хадас, најмногу пратенички места – 60 од вкупно 328-те во Парламентот, ќе освои блокот на Абади, пред листата на Садр со 51 мандат, Фатах со 39 и Коалицијата Владеење на правото на поранешниот премиер Нури ал-Малики со 23 мандати.

Во сунитските региони, според прелиминарните резултати, водат Алијансата Кар ал-Ирак и Ал-Ватанија, на чело со потпретседателите Осама-а-Нуџафи и Ајад Алави.

Целосните резултати се очекува да бидат објавени денеска.

Би можело да ве интересира

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Две курдски новинарки загинаа во турски воздушен напад во северен Ирак

Израелските новинари известуваат: Иран подготвува беспилотни летала и ракети за голем напад

Американски војници се ранети во ракетен напад врз базата „Аин ал Асад“ во Ирак

Гранатирана е воена база во Ирак

Горан Наумовски

Нападната е американска воена база во Ирак