Општина Гевгелија во соработка со Делегацијата на ЕУ во Република Македонија денеска го одбележа Денот на Европа-9 Мај.
На одбележувањето присуствуваа амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија Матс Стефансон, градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков, претставници од Советот и ученици од двете основни училишта од градот.
Градоначалникот Поцков изјави дека Гевгелија од секогаш била симбол на ЕУ и оти ги цени и ќе продолжи и понатаму да ги цени видливите придобивки на општината од соработката со ЕУ.
– Народниот тетар во Гевгелија е целосно реконструиран со средства од ЕУ фондовите добиени од ИПА програмите за прекугранична соработка. Досега од тие фондови нашата општина има искористено еден милион евра, а во моментот во фаза на реализација се проекти вредни 800.000 евра. Општина Гевгелија изразува благодарност за досегашната финансиска подршка од ЕУ која се надевам дека ќе продолжи и ќе се проширува во иднина, рече Поцков.
Амбасадорот Стефансон изрази надеж дека ЕУ ќе продолжи преку реализација на инфраструктурни и културни проекти да ја помага земјава и општина Гевгелија.
– Сигурен сум дека европското семејство кое сега има 28 членки еден ден ќе се прошири и оти Македонија ќе биде дел од тоа големо семејство. Македонија има јасно ветување од ЕУ дека ќе биде дел од неа кога ќе биде подготвена и кога ќе ги направи ветените реформи. Сега Македонија е на вистинскиот пат, а Шведска е нејзин голем поддржувач, нагласи Стефансон.
Во рамки на одбележувањето на Денот на ЕУ во Гевгелија се одржа и тркалезна маса на тема „Придобивки од ЕУ интеграцијата на Република Македонија за локалната самоуправа“.