Унгарскиот претседател Јанош Адер денеска официјално побара од Виктор Орбан да состави нова влада, откако коалицијата на неговата партија ФИДЕС на минатомесечните избори освои 133 од 199-те места во Парламентот.
Орбан (54), кој беше реизбран за трет последователен мандат на парламентарните избори, на прес-конференција изјави дека основна задача на неговата нова влада ќе биде да ја „зачува безбедноста и христијанската култура на Унгарија“.
Конститутивната седница на новиот Парламент ќе биде одржана утре.
ФИДЕС на изборите во 2010 и 2014 година освои двотретинско мнозинство, по што беше усвоен нов Устав, кој на Орбан му овозможи поголема концентрација на власта. Владејачката партија по победата во 2010 година го намали бројот на пратеници во собранието од 386 на 199 и го елиминираше вториот круг на избори, со што им нанесе штета на помалите партии кои можеа да формираат коалиции по првиот круг на изборите.