Поетесата Магдалена Хорват денеска на Саемот на книгата ќе ја потпишува својата нова книга „Осетлива на светлина: избрани песни“.
Издавачката куќа „Темплум“ ја организира средбата со авторката на Саемот на книгата во спортската сала „Борис Трајковски“, каде што Хорват ќе ја потпишува збирката песни од 17 до 20 часот.
По поетското деби на Калиа Димитрова „Вештерките денес“, „Осетлива на светлина: избрани песни“ на Хорват е вториот наслов што Темплум го објави деновиве во рамките на „300 ветрила!“, новата поетска едиција посветена на преведувачот Огнен Чемерски.
Едицијата ја уредува Никола Гелевски, а лектурата на книгата на Хорват ја направи Симон Саздов.
Магдалена Хорват (родена во Скопје, 1978) е автор на „Ова е таа, твојата“ (Македонска реч, 2006) и „Синкаво и други песни“ (Македонска реч, 2010), како и на македонските преводи на романот во стихови „Далечината меѓу нас“ од Фиона Сампсон (Магор, 2005), романот „Стакленото ѕвоно“ од Силвија Плат (Три, 2006), збирката поезија „Музика и скорбут“ од Ана Агилар-Амат (Блесок, 2006) и изборот песни од Пат Боран „Телефонска секретарка“ (Блесок, 2007).
Превела и низа збирки од македонски поети на англиски, објавени од Струшките вечери на поезијата. Нејзината поезија е застапена во неколку домашни и светски антологии, од кои најнеодамнешната е „Главни градови“ (Блумсбери, 2016).