Во Националната установа Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип денеска (4 мај) со почеток во 12 часот ќе се одржи свеченост по повод 40 години постоење на новиот модерен објект на Библиотеката.
Во рамките на настанот под наслов „40 години душата на градот 4 мај 1978 – 4 мај 2018“, ќе биде промовирана и монографијата „Хронологија на значајни обележја од развојот на библиотекарството во Македонија“ во издание на Библиотекарското здружение на Македонија (БЗМ).
По промоцијата ќе бидат доделени и наградите од Меѓуопштинскиот литературен награден конкурс за песна и краток расказ.
Новиот објект во кој и денес функционира НУУБ „Гоце Делчев“-Штип, на свечен начин бил предаден во употреба на 4 мај 1978 год. Библиотечниот фонд со кој располага библиотеката изнесува околу 200.000 монографски публикации и над 1300 наслови на периодични и сериски публикации.