Владата на Република Македонија потпиша Меморандум за разбирање за имплементација на реформа на секторот за безбедносните и разузнавачките служби на РМ за периодот од 2017-2020 со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ).
Премиерот Зоран Заев по потпишувањето на меморандумот со претседателот на ДКАФ Томас Гурбер, вчера кажа дека соработката е клучна за враќање на довербата на граѓаните во оние институции од безбедносниот сектор кои во минатото беа означени како симбол на заробената држава.
– Со ова партнерство добивме на располагање тематско знаење, правна анализа и експертиза, вклучително и практична помош прилагодена на потребите за стратешки пристап кон реформите, рече Заев.
Посочи дека потпишувањето е важен печат за гаранција на контролните механизми со новиот законски пакет за реформи во разузнавачкиот систем и за заштита на човековите и граѓански слободи и права.
– Целта на новиот законски пакет е темелна реформа на системот на следење на комуникациите и концептот на работа на разузнавачките служби во овој дел. Се предвидуваат контролни механизми кои нема да дозволат самоволно прекршување на граѓанските и човекови прави и кои го минимизираат политичкото влијание врз можноста за незаконско и политичко прислушување, рече Заев.
Со новиот законски пакет, продолжи Заев, се формира Оперативно-техничка агенција ОТА, чиј директор ќе се избира со двотретинско мнозинство и дополнително Бадинтерово мнозинство.
– Ваквиот начин на избор беше договорен со опозицијата и тоа ќе биде најсилен гарант дека оваа институција ќе биде професионална и надвор од било какви политички влијанија. Овој законски пакет беше усвоен во консензус со опозицијата и тоа е нова вредност за реформскиот процес и гаранција, нагласи Заев.
Гурбер од своја страна истакна дека овој момент е кулминација на долги месеци блиски разговори меѓу Владата, ДКАФ и меѓународните партнери.
– Владата ги приоритизираше реформите во националните служби за безбедност и контраразузнавање. Важно е дека со ова, земјата се носи чекор поблиску до евроатлантските интеграции, рече Гурбер.
За сите овие реформи, според експертите имаме помош од САД, а се спроведуваат по примерот на Германија, но пред се по примерот на Хрватска, земајќи го регионалниот принцип, при што решението применливо во неа е прифатливо и за нас поради сличностите.
Системот за безбедност е реформиран во почетокот на ’90-те години и тој функционира со ваква поставеност околу 23 години со мали надоградувања, посебно во делот на користење современа техника за прислушување, електронско извидување, користење беспилотни летала, бебедносни камери и слично.