Живеам во Турција, а срцето ми е во неготинско Војшанци, рече денеска за МИА 59-годишниот Омер Авџи, кој од Истанбул беше дојден да го види родниот крај. Раскажа дека потекнува од селото крај реката Вардар, бил роден во Неготино, како прво дете во старата неготинска болница.
– Живеев тука во Војшанци до пет години. Го носам во себе ова место и го посетувам. Во мислите сиве овие години ми остана споменот за чоколатцата од селската продавница, дрвениот мост, коработ на реката Вардар, чезата на татко ми, возот кај Дуброво кога си заминував од родниот крај, но за среќа не засекогаш. Ги паметам зборовите на мајка ми, не оди ваму, не оди таму. Никој всушност не знаевме турски тогаш оти овде зборувавме македонски, па тешко ни беше на почетокот. Многу е добар народот овде и многу убаво сум примен, гостопримливи се сите луѓе во селото, народот има душа. Редовно доаѓам, носталгичен сум, корените ме влечат, ни рече тој.
Во Турција има сопствен бизнис, се занимава со увоз-извоз. Со многу емоции ни откри дека секогаш му заигрува срцето на македонски песни. Редовно ги слуша и во Турција. Опиен од спомените, со семејството размислува да си ја купи старата куќа што некогаш било нивното семејно огниште.
Неговиот другар и пријател од детство Ване Спасов-Стего, кој сега живее во Неготино, а кој рече дека се како браќа, ни раскажа дека ги одржуваат врските, а и тој редовно ги посетува во Турција.