Државниот секретар на САД Мајк Помпео денеска, за време на кратката посета на главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, ја истакна потребата за единство во Заливот.
– Единството на државите во регионот на Заливот е неопходно и ние треба да го постигнеме, изјави Помпео на прес-конференција.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет ги прекинаа врските со Катар во јуни минатата година, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот и приближување кон Иран, големиот регионален противник на сунитската Саудиска Арабија.
Доха ги отфрла обвинувањата и тврди дека овие земји имаат за цел да го ограничат суверенитетот на Катар.
Помпео, кој синоќа пристигна во Ријад, денеска имаше средба со саудискиот крал Салман.