Германија веќе не сака да е голема сила во надворешната политика, призна германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“, цитиран од француските медиуми.
-Како би можеле по Хитлер и Аушвиц? Историјата остава траги долго време, рече Шојбле во интервјуто по повод утрешното чествување во Берлин на 50-годишнината од Елисејскиот договор меѓу Германија и Франција.
„Дури не им ни завидуваме на Франција и Велика Британија, кои се надворешнополитички сили. Тоа се гледа не само во Мали, туку се гледа и во Либија, а донекаде и во Сирија. Не бегаме од одговорноста, но имаме друг однос кон воената сила“, посочи Шојбле.
Германија, која неколку пати ја изрази поддршката за воената интервенција на Франција во Мали, во четвртокот вечерта испрати два транспортни авиона како логистичка поддршка на Економската заедница на државите од западна Африка.
Германија ја соопшти и намерата да испрати хуманитарна помош во износ од еден милион евро за бегалците од Мали во соседните земји, како и испраќањето на инструктори, кои ќе ги обучуваат африканските сили.
Германската заедница по правило е негативно расположена кон воени интервенции во странство. Во саботата во Германија се објави анкета што покажа дека 59 проценти од Германците се против германска воена интервенција во Мали.