Во кумановскиот Центар за култура, вечерва концерт ќе одржи трио „Џентлмен“. Пред кумановската публика ќе изведат 15-тина композиции.
Триото е составено од тројца професионални оперски пеачи, Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Дарко Нешовски – тенор. Тие ги комбинираат, оперското пеење со различни жанрови поп, латино, џез, рок композиции.
На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и македонското творештво.
Триото функционира две години, а настапувале во Македонија и надвор од неа. Во ноември 2015 на Балканската „Романсијада“ фестивал кој се одржа во Софија, Бугарија го освоија првото место со награда за професионалност и оригиналност.
В.д. директорот на кумановскиот Центар за култура, Роберт Цветковски информираше дека на 26 април ќе се одржи промоција на книгата „Препки“ од Богатин Јосимовски. Наредниот ден во петок 27 април, кумановци ќе имаат можност да го проследат „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, кој ќе се прикаже со почеток во 20 часот.