Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи ја посети општина Арачиново, каде оствари средба со градоначалникот г-ѓа Миликие Халими. На средбата се разговараше за заедничкиот настап и соработка во испраќањето јасна порака, поткрепена на дело, дека во Република Македонија мора да отпочне ново поглавје во меѓуетничките, а со тоа и во меѓуконфесионалните односи.
Директорот Сотировски го поздрави односот, концептот и ставовите на градоначалничката Халими, притоа изрази поддршка во сите одлучни чекори кои што претстојат.
По работната средба, директорот на КОВЗРГ ја посети руинираната и осквернавена селска црква Св. Талалеј и селските гробишта во центарот на с. Арачиново, на која во следниот период мора да и биде вратен полниот сјај, истакна Сотировски.
Беше посетена и селската централна џамија, а при посетата директорот разговараше и со имамот г-дин Идриз Бајрами.