Во турското пристаниште Искендерун денеска се очекува да пристигне брадот со два ракетни комплекси Патриот од Германија , испратени од НАТО за да и се помогне на Турција да ја заштити границата со Сирија.
Двеста и четириесет германски војници кои ќе бидат задолжени за ракетните системи пристигнаа вчера во воената база Инџирлик. Планирано е до 1 февруари да бидат распоредени во округот Кахраманмараш, Југоисточна Турција, на околу 120 км од сисриската граница.
На 21 ноември лани Турција побара од НАТО распоредување на ракети Патриот на границата со Сирија во 10 округа меѓу кои е и Адана каде е американската база Инџирлик.
На 4 декември 2012 година, министрите за надворешни работи од НАТО официјално одобрија распоредување на системи за ПВО Патриот во Турција со цел заштита од евентуални ракетни напади од Сирија.
САД, Германија и Холандија ќе испратат по два комплекси Патриот и до 400 војници во Турција. За нив и за обезбедување на шесте комплекси ќе бидат ангажирани околу 1.200 војници од САД, Германија и Холандија. Според првични оценки, ракетните системи ќе бидат во оперативна готовност од овој месец.